Патронат
ДИМКА АНГЕЛОВ – ГАБЕРОТ
Роден е на 17 Октомври 1916 во Ваташа, Кавадаречко, во виорот на Првата светска војна. Потекнува од револуционерно семејство. Татко му Ташо Ангелов бил учесник во Илинденското востание. Габерот ги поминува детството и младоста во време кога Вардарскиот дел на Македонија е под српска окупација во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (Кралство СХС), во кое Македонците не биле признаени како посебен народ, и немале право да учат на свој мајчин јазик . Завршува основно образование во Ваташа, а гимназија во Кавадарци и Прилеп. Потоа се запишува на учителската школа во Белград, која ја завршува во Неготин Краина. Уште како млад се образувал и читал многу, а омилени писатели му биле Пушкин, Тургењев, Достоевски и Синклер. Кај Габерот рано се будат револуцинерните идеи, и во тоа време другарува со револуционерите од Тиквешијата – Страшо Пинџур, Илија Чулев, Тошо Велков Пепето… Во 1936 година, на плоштадот во Кавадарци, Габерот држи говор пред народот во кој ја нападнал српската окупаторската политика на владата на Кралството СХС, на чие чело бил Милан Стојадиновиќ. Заради тоа долго време останува без работа. Во пролетта 1937 година е уапсен заедно со поголема група Македонци и одлежува три месеци затвор во Велес. Во 1939 работи како учител во Радња, едно од најоддалечените села во Тиквешијата. Како учител бил почитуван и омилен кај учениците и жителите од селото. Со младинците од селата Бохула, Чемерско и Радња организира и раководи курсеви за ракување со оружје. Поради неговиот бурен темперамент во средината на јануари 1941, непосредно пред разгорувањето на Втората светска војна е интерниран и затворен во логорот Ивањица во Србија, заедно со поголема група младинци од Кавадарци. Но во април 1941 во Србија започнува Втората светска војна, и логорот е растурен а Габерот се враќа во Македонија. Во родниот крај Габерот веднаш ќе се вклучи во отпорот против новите окупатори – бугарските фашисти. Во мај 1941 во Кавадарци е формиран Воен партизански комитет, чиј член станува и Диме Габерот. Основна задача на овој комитет е прибирање на оружје,муниција и воен материјал, и организирање обука со младинците од градот и селата за ракување и одржување на оружјето. Набргу бугарската фашистичка полиција дознава дека Габерот е еден од главните организатори на македонскиот отпор во Тиквешијата, и распишува потерница по него. Заради тоа од мај 1942 година до мај 1943 година Габерот заминува во илегала. Како илегалец е доста активен, присуствува на состаноците на Воениот и Месниот комитет, а често оди на терен во селата Бегниште, Ресава, Горниково, испитувајќи го теренот и барајќи погодни места кои подоцна ќе послужат како бази за идните партизански одреди. Во април 1943 Габерот е избран за политички комесар на Тиквешкиот партизански одред “Добри Даскалов”, а воедно е и комесар на Штабот на Третата оперативна зона. Како политички комесар на зоната, тој потоа присуствува и го координира формирањето на гевгелискиот партизански одред “Сава Михајлов” на падините на планината Кожуф. Габерот се одликувал со голема храброст и решителност, а кога било најпотребно знаел да ги мотивира и другите борци. Долго време по ослободувањето, жителите од селата во Тиквешијата се сеќавале и зборувале за пламените говори кои Габерот ги држел пред нив, со кои кај нив го будел македонскиот револуционерен дух. Во јуни 1943 година бугарските фашисти почнуваат десетдневна офанзива до Тиквешијата за да ги уништат македонските партизански воени единици. Тие јунски денови Габерот се разболел од треска, и три дена лежел во една пештера во атарот на с. Галиште, за да не го најдат фашистите. Но собрал сили и одлучил да тргне кон планината Вишешница, за да се спои со партизанскиот одред. Петмина македонски партизани, Ило Виларов-Сокол, Јован Радњански-Планински, Пано Мударов-Фрањо, Стојан Крстев и Диме Ангелов – Габерот тргнуваат кон Вишешница. На 10 јуни 1943, во месноста Клинска леса, при преминувањето на Црна река, младите Македонци налетуваат на бугарска заседа. Започнува нерамноправна престрелка со бугарските фашисти. Тројца партизани се смртно погодени, а Габерот иако тешко ранет од фашистите останал жив, и му викнал на соборецот Планински да бега, а тој останал да го штити. Диме Ангелов Габерот продолжил да го штити Планински кој успеал да се извлече, а откако останал без муниција, си пука во слепоочницата и не дозволува да падне жив во рацете на бугарските фашисти. Единствен кој ќе се спаси од заседата е Јован Радњански – Планински, кој подоцна во своите мемоари ќе ја опише херојската смрт на Габерот. ДИМЕ АНГЕЛОВ ГАБЕРОТ на 27 години ја остава својата младост за слободата на МАКЕДОНИЈА. По загинувањето на Габерот останаа многу дилеми, меѓу кои секако онаа која и ден денес ја бранува јавноста во целиот Тиквешки крај: “Зошто Димката Ангелов Габерот не беше прогласен за Народен херој“? Ташо Ангелов, таткото на Габерот, во 1966 година пишува и писмо до Тито, и го прашува зошто неговиот син не е прогласен за Народен херој. Но народот од Тиквешијата, не го заборава Габерот и за него ја испеал легендарната песна – „В пештера болен Габерот лежи“
