По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, низа пригодни активности

Мајчиниот јазик претставува духовна вертикала на еден народ – негово паметење, негов белег и негова иднина. Во него се вградени вековите, културата, традицијата и колективната свест што нè обликува како заедница и нè поврзува со нашите корени.

По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, нашето училиште организираше низа пригодни активности под стручно и посветено менторство на наставникот по македонски јазик Соња Тончевска Костова. Преку литературни читања, ораторски излагања и уметничка интерпретација на поетски текстови, учениците ја афирмираа убавината, изразната моќ и културното значење на македонскиот јазик.

Особено впечатлив беше настапот на нашите ученици – оратори и рецитатори, кои со зрелост, јазична култура и сценска убедливост сведочеа дека љубовта кон мајчиниот јазик се гради од најрана возраст и се негува со посветеност и одговорност.

Овие активности претставуваат потврда дека македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку темел на идентитетот и суштинска вредност што се пренесува од поколение на поколение.

Нека овој ден биде потсетник дека зачувувањето, негувањето и унапредувањето на мајчиниот јазик е заедничка обврска и трајна мисија.

Со почит кон зборот, со грижа кон иднината.